| Home » Articles » My articles |
Жан Бодријар - ВИРТУЕЛНО ВРЕМЕ Во почетокот на осумдесеттите, во време кога металуршката индустрија во областа Лорен навлезе во финалната кризна состојба, на силите на јавноста им падна на ум да го “нашминкаат” наведениот колапс со тоа што ќе основаат “европска зона за безделничење”, односно еден “интелигентно” осмислен тематски (забавен) парк, кој би требало да претставува отскочна штица за економијата на односниот регион. Паркот беше наречен “Smurfland”. Се разбира, “главниот шеф” на свенатиот металуршки комплекс прерасна во “врховен главуч” на спомнатиот тематски парк, додека некогашните работници - металурзи, со статус на невработени, беа преквалификувани во таканаречени “smurfmen”, со што духот на “Smurfland” беше задоволен. За жал, паркот (од неколку причини) набргу мораше да биде затворен, па некогашните мeталурзи, со прекоманда на работните места на “smurfmen”- сите, повторно се најдоа во позиција да плачат за милост наоколу. Горката судбина беше таа што - откако ги направи вистински жртви на пазарот на работни места, а потоа ги трансформираше во сенишни работници на бизнисот на забавата и безделништвото - конечно ги доведе во позиција во двата случаи да останат без работа. Меѓутоа, “Smurfland” беше само космос во мало. Фирмата”Дизни” е нешто многу пограндиозно. Како илустрација ќе забележиме дека “Дизни” презема една од најголемите американски ТВ мрежи, и дека не му гине успехот во настојувањето да ја купи њујоршката 42 улица - и тоа оној “жешкиот” дел од улицата - како би ја трансформирал во еротско тематски парк, со намера да направи жестоки промени на сè во таа улица. И сè со следнава идеја: на лице место еден од порнографските центри да се преобрази во огранок на “Disney World”, со трансформација на порнографите и проститутките (каков што беше случајот на фабричките работници во “Smurfland”) во некакви суштества, кои фигурираат во нивниот (Дизни) свет. Значи, претпоставена е некаква метаморфоза на сите во идентични ликови - мумифицирани, дизнификувани. Патем: познато ли ви е како генералот Шварцкоф, великиот стратег на војната во Заливот, ја прослави својата победа? Направи гооооолема журка во “Disney World”. Прославата / баханалиите во храмот на имагинарното претставуваше најадекватна завршница за една виртуелна војна. Сепак, фирмата “Дизни” оди и отаде замисливото, отаде границите на фантазијата. Дизни - тој претходник и голем поттикнувач на фантазиите кои стануваат виртуелна реалност - сега е во екот на процесот со којшто би се опфатил стварниот свет, што треба да стане интегриран во неговата синтетичка вселена, во форма на семожни шоу-програми на “презентирање на стварноста”, во кои самата стварност добива форма на спектакл, и каде што стварното станува тематски парк. Трансфузијата на тоа стварно, е како трансфузија на крв, само што овде станува збор за трансфузија на стварното во бескрвната вселена на виртуелното. После проституирањето на имагинарното, еве сега и халуцинации на стварното во идеална и поедноставена верзија. Во “Disney World” во Орландо на Флорида, направена е дури и идентична копија на лосангеловскиот “Дизниленд” како вид историска атракција од втор степен; некаков симулакрум на друга сила. Тоа е, всушност, идентично на она што CNN го правеше за време на војната во Заливот: прототипски настан, што не се одигрува (тука некаде), едноставно затоа што се одигрува (некаде) во некое вистинско време, во CNN-овото време за инстант потребите на фазонот. Денеска, дизниевците со леснотија можат да направат “повторена посета” на војната во Заливот, што ќе има облик на шоу-програма за целиот свет. Конечно, хорот на Црвената армија веќе беше учесник на Божиќната прослава во тематскиот парк “Euro Disney”. Сè е возможно и сè е подложно на повторна обработка во полиморфниот свет на виртуелното. Сè може уште еднаш (повторно) да се создаде. Нема причини што би го спречиле Дизни да земе човечки гени - коишто, патем кажано, веќе беа обработувани - и нив да ги пресврти, односно да ги вклучи во некакво “генетско шоу”. На крајот, тие ќе ја замрзнат и целата планета, како што и самиот Волт Дизни одреди да го замрзнат во нитрогенски раствор, исчекувајќи го своето воскреснување во реалниот свет; но стварниот свет веќе го нема, дури ни за Волт Дизни. Доколку еден ден се разбуди, несомнено ќе го доживее најголемото изненадување во својот живот. Во меѓувреме од дното на својот сад наполнет со нитрогенски раствор, тој продолжува со колонизацијата на светот (како на оној имагинарниот така и на оној стварниот) за потребите на призрачната вселена на виртуелната реалност - свет во кој сите ние се претворивме во сеништа и ликови. Поентата е во тоа што - кога ќе ги облечеме нашите дигитални алишта, ќе ги вклучиме нашите сензорски пипци, или ќе ги испритискаме копченцата на нашата аркада за виртуелна реалност - ние всушност влегуваме во живиот привид на светот низ кој Дизни, тој генијален претходник, влезе во виртуелната стварност на смртта. Новиот светски поредок е по мера на Дизни. Се разбира, Дизни не е осамен во овој модел што содржи кабалистичка привлечност. Сведоци сме на “Бенетон” и на нивните рекламни кампањи, коишто настојуваат да понудат исцелување на човечката драма од вестите (сида, Босна, сиромаштија, апартхејд) со трнсфузија на реалноста во Ново Измирувачко Вообличување (место каде страдањето и сочувството завршуваат во облик на интерактивна резонанца). Се чини дека виртуелното ја презема надмоќта од стварното, а потоа се појавува како копија (и тоа без какви било измени), во склоп на модата “веднаш-можеш-да-ме-облечеш”. Доколку оваа креација има успех во креирањето на универзалната фасцинираност - имајќи само дискретна боја на морално несогласување - тоа ќе биде само затоа што самата стварност (или самиот свет), со целата паника околу клонирањето, веќе се трансформирала во интерактивен перформанс, односно во некој вид на луна-парк за идеологии, технологии, труд, знаење, смрт, па дури и деструкција. Сето ова, би се рекло, е спремно за клонирање и обоготворување во незрелиот музеј на Имагинацијата, или во виртуелниот музеј на Информацијата. Слично на ова, бескорисно е да се продолжува потрагата по компјутерските вируси, бидејки сите ние сме заробени во виртуелниот ланец на електронските мрежи. Информацијата и самата стана вирална; можеби сè уште не ги содржи флуидите на сексуалноста, но затоа пак поседува поголема моќ преку своето нумеричко простирање. ... И, така не му остана уште многу работа на Дизни, за да би ја натрупал стварноста на еден куп; како што е тоа во голема мера “Spectacular Inc.”, што би рекол Гиј Дебор. Меѓутоа, ние не сме веќе општество на спектаклот; самото општество стана спектакуларен концепт. Не станува збор веќе за заразеност со спектаклот - зараза што ја менува стварноста - туку станува збор за заразеност со виртуелноста; зараза што го уништува спектаклот. “Дизниленд” сè уште ѝ припаѓа на областа на спектаклот и фолклорот, со своите ефекти на забава (одвраќање на мислите) и дистанцирање (одвоеност). “Disney World” со распростирањето на своите пипци е општа метастаза - клонирање на светот и на нашиот ментален космос и тоа не на имагинарен, туку на вирален и виртуелен начин. Веќе не сме отуѓени и пасивни набљудувачи, туку стануваме интерактивни ликови; ние сме кротко членство на оваа огромна “претстава на стварноста”. Веќе не е спектакуларна логиката на отуѓеноста, туку страшната логика на дисинкарнација; не е веќе фантастична логиката на забавата, туку корпускуларната логика на трансфузија и транссупституционирање на сите наши ќелии - смелост за радикално застрашување на светот од внатре, не од надвор, налик на квазиносталгичниот универзум на денешната капиталистичка реалност. Да се биде лик во виртуелната реалност не значи само да се биде актер или гледач. Тоа значи: да се биде надвор од сцената, да се биде опсцен. Дизни победи на уште едно ниво. Тука интересот не е само во бришењето на стварното со помош на преобразување на реалното во тридимензионален виртуелен приказ (слика) без длабина, туку станува збор за потребата да се збрише времето со помош на синхронизација на сите периоди, сите култури, во едно патувачко движење; со прикачување на едно врз друго - во едно сценарио. Затоа, ова го означува почетокот на едно стварно, точно и еднодимензионално време - време кое исто така не поседува длабина. Нема сегашност, нема минато, нема иднина, туку само миговна синхронија на сите периоди во една безвремена виртуелност. Паѓање или пропаѓање на времето: тоа е - доколку бараме адекватни зборови - тоа што ја претставува четвртата димензија. Тоа е димензија на виртуелното, тоа е димензија на стварното време, димензија која ги брише останатите. Па, како што беше речено: дека за само еден век или еден милениум филмовите за гладијаторите ќе бидат посматрани као што беа посматрани автентичните “филмови” од времето на Римското царство - како вистински “документарци” за стариот Рим; дека клопчето со серија химни од вилата во Помпеја (а кое сега се наоѓа во музејот “Џон Пол Гети” во Малибу), на еден анахрон начин ќе биде помешано со вилата од 3 век п.н.е. (вклучувајќи ги и делата на ѕидовите: Рембрант, Фра Анџелико) - сè сматено во едно парче одронето време; дека прославата на француската Револуција во Лос Ангелес ќе биде ретроспективно помешана со вистинскиот односен револуционерен настан. Дизни de facto создава една безвремена утопија, произведувајќи ги сите настани - минати или идни - на симултани екрани и со помош на безмилосно мешање на сите секвенци, како тие да ќе се појават во некоја цивилизација различна од нашава. Меѓутоа, таа веќе станала наша. Се потешко и потешко си ја замислуваме стварноста, историјата, длабочината на времето, или тридимензионалниот космос, како што порано ни беше тешко - од нашата перспектива на стварниот свет - да ја замислиме виртуелната вселена или четвртата димензија. (март 1996) Извор: “Маргина41“ | |
| Views: 33 | |
| Total comments: 0 | |